Окружна конференција Моноспитово

На 03.03. 2018 се одржа овогодинешната Окружна конференција во ЕМЦ Моноспитово. Конференцијата беше водена од Суперинтендент Вилфрид Науснер, а присуствуваа членовите на одборот како и други членови на црквата. Се разгледа целокупната работа на црквата во изминатата година и беше констатирано дека работата на црквата се одвива во добар правец. Плановите за оваа година остануваат тековните активности и проекти. Конференцијата ја потврди Ребека Пенева за помошник проповедник и за оваа тековна година.

-Даниела Стоилкова

Окружна конференција Муртино

На 13 февруари 2018 со почеток во 18:00 часот беше одржана окружна конференција во ЕМЦ Муртино. Конференцијата ја водеше Суперинтендентот Вилфрид Науснер, а беа присутни околу 12 членови на одборот. Се изложија извештаи во врска со работата во изминатата година. Свои извештаи дадоа: локалниот проповедник Славчо Азманов, проповедник во образование и одговорен за млади и тинејџери Димитар Јаневски, водителката на жени Јана Паланкова, одговорна за работата со деца Зорица Алачева и благајникот Борче Василев.

На оваа конференција беше известено дека од 15 март 2018 година Димитар Јаневски ја прекинува неговата служба во Евангелско- методистичка црква како проповедник во образование и со тоа и неговите понатамошни студии.

Одборот разговараше и за идните активности во црквата.

 

-Даниела Стоилкова

Семинар за теолошко образование

На 10.02 2018 во ЕМЦ Муртино беше одржан еднодневен семинар за теолошко образование на лаички проповедници и соработници. Темата на семинарот беше: „Учењето на Евангелско-методистичката црква“.
Предавач: Суперинтендент Вилфрид Наузнер
На овој настан присуствуваа околу 20 учесници од сите заедници во Македонија.

-Даниела Стоилкова

Екуменски средби во Скопје

Овогодишната молитвена осмина за единство на христијаните се одржа: Во Католичка црква во Скопје на 21.01; во Евангелско Методистичка црква на 22.01; во православната црква Св. Петка на 23.01.2018 год. Сите служби беа одржани во 19ч при што во секоја служба сите цркви имаа подеднакво учество. Тоа се состоеше во настап на хорови и музички групи и по еден говорник. Темата на овие средби беше земена од 2Мојсеева (Излез) 15, 6. Десницата Твоја Господи се прослави со сила. После секоја служба во различните цркви имаше и време на заедничко дружење и споделување духовни искуства.

-Лазо Танчев

Промоција на младинска песнарка


Направена е промоција на нова бесплатна мобилна апликација за христијански духовни песни. Името на апликацијата е „Христијанска песнарка“ и може да ја симнете на вашите мобилни уреди кои го имаат Андроид оперативниот систем преку Google play. Апликацијата содржи околку 330 текстови од песни а се планира да се додаваат и други христијански песни. Покрај промоцијата на апликацијата, песнарката од сега ќе се продава по цена од 150 денари. Да го прославуваме името Господово како што вели Псалмистот во Псалм 104:33 „Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам.“

Симона Танчева

Вечери на евангелизација и славење – ЕМЦ Моноспитово

Петок, сабота и недела (24,25 и 26 ноември) денови на евангелизација и славење во ЕМЦ Моноспитово. На темата “Бог не те заборавил“ проповедаше Лила Баловски, ЕМЦ Јабука.  На тие евангелизациони вечери беа пристуни луѓе од различни места и заеднички имавме едно благословено охрабрувачко време . Завршувањето на евангелизацијата беше со концерт на музичката група од Јабука, освежување за душата и радост за срцето.

-Ребека Пенева

Женски одмор – Струга 2017

Околу 50 жени и оваа година ја имаа можноста да ја уживаат убавината на Охридското
езеро и заедно да поминат едно пријатно и благословено време надвор од
секојдневните обврски, како и да се охрабрат и поткрепат во верата преку словото.
На овој женски одмор кој се одржа од 24 до 28 октомври во хотел “Бисер” во Струга
присуствуваа жени од Скопје, Струмица, Моноспитово, Муртино, Колешино, Радовиш и
за првпат после подолго време две сестри од Вељуса. Овде беше и сестра Лилјана
Баловски и нејзиниот син Мартин кој служеше со музика за време на славењето.

Темата, која беше водена од една од сестрите дојдени од Швајцарија, Хајди Штрајф,
гласеше: “Од Бога допрени, излекувани, оспособени и задолжени”. Преку визуелни и
перформансни, аудитивни и интерактивни начини на приказ Хајди ги потсети сите
присутни на историските настани во Библијата, за Божјиот допир и неговата
исцелувачка моќ, додека пак Барбара ?, која е и раководителка за работата со жени во
нашата Централна конференција, го водеше вториот дел од годинашната тема
т.е. ..”оспособени и задолжени”. На впечатлив начин таа ги водеше жените – водителки
на женските групи во групни разговори и размислувања.

Покрај прекрасните предавања, жените имаа можност да поминат време и во прошетки,
екскурзии до Струга, Охрид и св. Наум, разговори, вкусна храна, креативни
работилници, рачни работи, интересни игри за подобро запознавање и секако едно од
најинтересните настани, веќе добропознатата “српска вечер” каде самите тие можат
малку да излезат од рамките на секојдневното живеење и да се забавуваат и смеат до
солзи преку најразлични видови на игри и натпреварувања.
Божјото присуство беше видливо во сите овие денови.

Одморот заврши со богослужба и господна вечера на која проповедаше сестра Лила
Баловски.
По срдечните поздравувања сите тргнаа на пат кон дома.
Уште еден прекрасен одмор и заедништво се зад нас. Особено задоволство
причинуваше присуството на помладите сестри кои беа присутни и активни во
целокупната програма.

-Даниела Стоилкова

Денови на заедништво – Крушево 2017

Проповедниците од ЕМЦ - Македонија заедно со нивните семејства имаа можност и оваа година да се дружат заедно, да разговарат, да се изградуват и одмарат. Тие имаа заедничко време во прекрасниот хотел Монтана во Крушево кој е со прекрасни планински предели околу него и знаменитости.

Времетраење: од 19.10.2017 (четврток) во 16ч до 21.10.2017 (сабота) до 14ч. Пристигнавме се сместивме и имавме вечера, а после вечерата имавме славење и кратко слово водено од братот Дејан Василев.
Другиот ден програмата почна во 8:00ч со молитва и слово водено од братот Јане Јаневски, а во 8:30ч имавме доручек. До пред вечерата имавме слободно време.така да имавме можност да посетиме неколку места во Крушево, да разговараме и да споделуваме едни со други. После вечерата имавме заедничко време со размислување на две теми дадени од Суперинтендентот Вилфрид Наузнер, едната беше “Како ја гледаме нашата црквата во следните десет години” , и втората тема беше “Што ние како служители би направиле за следните десет години”. После размислувањето и споделувањето на тие две теми ја завршивме вечерта со слово водено од сестра Нада Шаманова.
Последниот ден имавме богослужба со Господна Вечера во која Суперинтедентот Вилфрид Наузнер проповедаше од посланието на апостол Павле до Филипјаните 4:1-9.
Откако заврши богослужбата отидовме на ручек, и после ручекот се поздравивме и си отидовме задоволни и со добро искуство за секој еден од нас.

- Димитар Јаневски

„Во мисија заедно“ Самит – Прага 2017

Од 5 до 8 октомври во Прага, Чешка, беше одржан самит за програмата „In Mission Together“ (Во мисија заедно) на која што беа присутни координаторите и адвокатите на оваа програма од Америка и Источна европа и Балканот, како и делегации од сите овие земји. Темата на овој самит беше „Ќе ви дадам ново срце и нов дух ќе ставам во вас“ - Езекиел 36:26. Целта на овој самит беше искуства, предности и недостатоци како и обнова на оваа програма за партнерства помеѓу земјите од САД и Источна европа и Балканот.

Целата програма и случувањата од овој настан можете да ги погледнете на facebook страната In Mission Together Eastern Europe and the Balkans.

Младински летен камп 2017

Бог е прекрасен, милостив, и ги исполнува нашите срцата кога тинејџерите и младите сме заедно во името на Господ Исус Христос. Ова го почувствувавме на младинскиот летен камп кој се одржа од 27-30 јули во Комплекс Бела Вода, Берово организирано од Комисијата за работа со млади (КРМ) на ЕМЦ Македонија.
Темата на овој камп беше „Запознај го Божјиот карактер“. Поуката за сите нас е дека нашите карактерни особини треба се повеќе да наликуваат на Божјиот карактер кој е: безгрешен, верен, вистинит, добар, засолниште, заштитник, исцелител, креативен, полн со љубов, милостив, миротворец, мудар, несебичен, праведен, ревносен, свет, совршен, трпелив, татко, утешител и има уште многу да се набројува
Остатокот од времето го поминавме во славење, молитва, запознавање, дружење, игри, слободно време, прошетка, јавање на коњи и разладување во базен. Навистина овој камп послужи за слава на Бог и за развој на заедништвото како Божја благодат.
Нека изборот на секој тинејџер и млад да биде Господ Исус Христос, затоа што само Тој е патот, вистината и животот! Ниту една убавина и задоволство на земјата не може да се спореди со убавините и задоволствата кои ги добиваме од Бог!

-Симона Танчева

1 2 3 4 6