НОВОСТИ

Говор на суперинтендентот Марјан Димов на трибината „Како да се радуваме во време на кризи“

Обраќањето на Суперинтендентот на ЕМЦ во Македонија, пастор Марјан Димов на трибината „Како да се радуваме во време на кризи“, која се одржа на 30.9.2022 година во Скопје.

Кога некој ќе спомне радост, тогаш потврдуваме дека тоа е нешто што сите го посакуваат, тргнувајќи од нас самите. Кога некој ќе спомне кризни времиња, тогаш сите ја вртиме главата на друга страна – да не нѐ погоди нас, ако е некој поискрен, ќе каже: на никој не му посакувам да се најде во таква ситуација!

Во последно време сѐ повеќе сме конфронтирани со овие поими: кризата поради короната Ковид 19, кризата во Украина, кризата во Америка поради ураганите, енергетската криза, поради која се тресе цела Европа и Балканот итн. И, колку повеќе се спомнува зборот криза, толку повеќе доаѓа до израз копнежот по радост.

Би сакал на кратко да видиме што значи зборот Криза! Тој збор има неколку значења. Кризата се разбира како ненадејна промена или промена со големо влијание во развојот или напредокот на човекот. Кризата може да биде телесна/материјална или психичка/духовна.

Кога се зборува за криза, исто така се зборува за недостиг од нешто. Од друга страна, поимот криза се користи за дефинирање на личност со насилни и нагли промени во текот на болеста, и состојбата на таа личност може да се подобри или да стане полоша. Кризата може да ѝ наштети на личноста на поединецот или на цела една земја.

Наспроти тоа зборот Радост потекнува од старо-грчкиот и латинскиот јазик; од старогрчкиот потекнува од зборот Xαρά што значи одушевување во голема мера и полн со радост, а на латински гo наоѓаме како Гаудиум, што значи радост, уживање, задоволство. Тоа исто така е и плод на Светиот Дух и се манифестира преку длабока духовна радост во срцата на верниците. Духот Свети помага да не се изгуби радоста за време на минувањето низ неволји/кризи. Со други зборови тоа не е некоја привремена радост. Тоа не е привремена радост предизвикана од добри и пријатни околности на посебни моменти, тоа е трајна среќа и задоволство кое е предизвикано не од надворешни влијанија туку од внатрешната вера и заедништво со Бог.

Кризата човечка настапи поради непослушноста и отстапувањето на човекот (Адам и Ева) од Бог. И затоа секое страдање сѐ до денес е директно или индиректно поврзано со гревот и отстапувањето наше од Бог. Во Библијата во Псалм 14 се вели: »Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог.“ Се развратија луѓето, вршат гнасни дела, нема кој да прави добро. Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема ниту еден.« (Пс. 14:1,2) Штом Бог го констатира тоа нешто, тогаш што треба да се очекува? Да очекуваме вразумување на поединецот, но и на нациите. Да почнат да го бараат Бога и да се смират пред Него, признавајќи ја секој својата грешност.

Да ја оставиме кризата сега на страна, бидејќи таа и кога не ја повикуваме и не ја посакуваме се јавува, и да се свртиме малку повеќе на радоста.

Како доаѓаме до тоа, да се радуваме? Како доаѓа радоста? Таа не доаѓа сама по себе. За неа треба да се отвориме. Таа не влегува на сила, туку бара место каде ќе биде примена.

Божјиот слуга, псалмистот Давид во 103 Псалм пишува: „Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име! Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини!“ Пс. 103:1-2

Од каде доаѓа таквиот повик на Псалмистот? Радоста и задоволството доаѓаат преку активно потсетување на доброто што го направил Господ во минатото. Многу често доживувам како Господ Бог го свртува листот за мое добро, и тоа токму сред неволјите. Доаѓаат времиња и тешки околности кога треба да се потсетуваме на добрината Божја, иако треба да се потсетуваме секој ден.

Пророкот Авакум исто така минувал низ кризни времиња, кога ги напишал следните зборови: „Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар маслината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема, јас и тогаш ќе се радувам во Господ и ќе се веселам во Бога на моето спасение. Господ Бог е мојата сила: Тој ќе ги направи нозете мои како на елен и ќе ме поведе по височините мои.“ (Авак. 3:17-19)

Со други зборови Авакум вели: да, јас имам проблеми… но јас ќе се радувам во Господа. Тој е Бог на моето избавување.

Божјата верност е цврста како карпа. Авакум се радува, иако му се заканува голем недостаток – криза.

Затоа, најдобриот чекор што може да се направи е да научиш и во време на неволја да му се предадеш на Господ Исус Христос.

Многу брзо нашиот поглед за грижата и љубовта Божја и можностите што ги има за нас во време на криза може да биде заматен. Токму и во таквите ситуации треба да гледаме во Исус, да разговараме со Него и да го бараме Неговото водство. Зашто само Тој вистински ни покажа како да се однесуваме и живееме во време на бури, и како можеме да го задржиме мирот.

Исто и Псалмистот Давид минуваше низ големи предизвидци. Тој доживеа лично потфрлување и голема вина и „политички“ прогон од страна на царот Саул, кој му се закануваше по животот. Но Давид е и еден од најрадосните личности во Библијата. Која беше тајната на неговата животна радост? Тоа го откриваме во Пс. 16:8: „Секогаш пред очи ми е Господ, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам.“ Давид постојано го имаше Господ пред своите очи. Тоа значи активно потсетување на делата и водството Божјо.

Нека и ние, а и другите околу нас ги поттикнуваме на тоа, да го бараат Господа со искрено срце, во понизност и кротост и да ги следат Неговите зборови. Мт. 28:11: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши.“

Skin Color
Layout Options
Layout patterns
Boxed layout images
header topbar
header color
header position